Српската полиција интензивно трага по напаѓачот кој ноќеска во Лозница уби 34-годишен полицаец и рани друг 50-годишен.

„Ноќеска, околу 00:55 часот во Лозница, при контрола на возило на пункт, полициски службеници од Граничната полициска станица Трбушница запреле „мерцедес“ во кој имало две лица“, изјави српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

При излегувањето од возилото, едно лице пукало со пиштол, погодувајќи ги полицаецот Никола Крсмановиќ (34) во градите и полицаецот Вјекослав Илиќ (50) во рамото, по што побегнал.

Двајцата полицајци биле пренесени во Општата болница Лозница, каде Крсмановиќ им подлегнал на повредите.

На лице место полицијата пронашла пасош кој се верува дека бил на осомничениот напаѓач, издаден од институции во Косово на име Хајзири Артан (33) како и германска лична карта, пренесоа српските медиуми.

На возачот на автомобилот од кој било пукано, одредена му е мерка притвор до 48 часа од Основното јавно обвинителство Лозница поради сомнение дека сторил кривично дело илегално преминување на државната граница и криумчарење луѓе, објави Танјуг.