Данските борбени авиони Ф-16 наскоро ќе ѝ бидат испорачани на Украина; пет нордиски земји склучија билатерални договори за воена соработка со Украина

Борбените авиони Ф-16 во сопственост на Данска, чиј трансфер беше претходно договорен, наскоро ќе ѝ бидат испорачани на Украина, изјави денеска данската премиерка Мете Фредериксен на заедничката прес-конференција на учесниците на третиот самит Украина-Северна Европа.

Таа истакна дека денешната средба во Стокхолм е силна порака дека сите луѓе во Северна Европа стојат цврсто со Украина.

– Втората порака е многу јасна – мора да ја забрзаме и зголемиме нашата поддршка за Украина, бидејќи ситуацијата на бојното поле е многу критична. Сега ги имаме безбедносните обврски на сите северноевропски земји. На Украина и дадовме голема воена помош и сакаме да дадеме уште повеќе. Наскоро данските Ф-16 ќе тргнат кон Украина, рече Фредериксен.

За време на нордиско-украинскиот самит,што денеска се организираше во Стокхолм, пет нордиски земји потпишаа билатерални договори за воена соработка со Украина, јави Бета.

„Ова испраќа важен сигнал до украинскиот народ дека нашиот ангажман е цврст и постојан. Украинската цел е нашата цел“, напиша шведскиот премиер Улф Кристерсон на социјалната мрежа „Х“ по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Стокхолм.

За време на самитот, Зеленски се сретна со Кристерсон, финскиот претседател Александар Стуб, данската премиерка Мете Фредериксен, норвешкиот премиер Јонас Гар Стоере и исландскиот премиер Бјарни Бенедиксон.

„Нашите главни приоритети се да обезбедиме повеќе системи за противвоздушна одбрана за Украина, заеднички проекти во одбранбената индустрија и оружје за нашите војници, како и глобални напори да ја принудиме Русија да постигне мир“, напиша Зеленски на социјалната мрежа „Х“.

Зеленски и Кристерсон потпишаа билатерален договор за шведска воена помош вредна девет милијарди евра до 2026 година, а со Норвешка е обезбедена воена помош од најмалку 1,3 милијарди долари за оваа година.

Зеленски неделава ги посети и Шпанија, Белгија и Португалија, при што склучи три нови билатерални безбедносни договори.