Данска не ја исклучува можноста за признавање на палестинска држава, под услов таа да биде демократска држава, изјави денес данската премиерка.

„Ние не велиме ‘не’ за признавање на Палестина како држава“, изјави Мете Фредериксен на прес-конференција.

„Долго време сме за ова. Тоа е она што го сакаме. Но, очигледно, мора да се осигураме дека тоа е демократска држава“, додаде таа.

Данската јавност бара признавање и крај на војната
Во неделата, повеќе од десет илјади Данци излегоа на улиците барајќи крај на војната во Газа и Данска да признае палестинска држава.

Во интервју за дневниот весник „Јиландс-Постен“ кон средината на август, Фредериксен рече дека „Нетанјаху сега е проблем сам по себе“, сметајќи дека неговата влада оди „предалеку“.

„Продолжувањето на екстремно насилната политика на Нетанјаху во Газа е неприфатливо“, напиша таа и на своите социјални мрежи, истакнувајќи дека од нападот на 7 октомври таа го поддржува правото на Израел да ја елиминира „заканата што ја претставува Хамас“.

фото: принтскрин

Текстот Данска не ја исклучува можноста за признавање на Палестина е превземен од МАКФАКС.