Под притисок да се преземе нешто во врска со неидентификуваните беспилотни летала што се појавуваат над данските аеродроми и воени бази со денови и ноќи, данската морнарица ја ангажираше фрегатата „Есберн Снер“ да патролира на теснецот Ересунд покрај Копенхаген.

„Есберн Снер“ исплови од својата база во Фредериксхавн во северна Данска во четврток попладне и кружеше околу аеродромот Каструп во Копенхаген, кој се наоѓа речиси на брегот, до петок наутро.

Според веб-страницата „Веселфајндер“, која ги следи AIS сигналите на бродовите, фрегатата во петок попладне пловела околу данскиот остров на кој се наоѓа главниот град.

Според данската јавна радио-телевизија, данските вооружени сили не сакале да коментираат за мисијата на „Есберн Снер“, еден од најголемите бродови во данската морнарица. Безбедносните аналитичари тврдат дека фрегатата, долга 136 метри, има радарски системи способни да детектираат беспилотни летала во темница.

Појавата на дронови над данските аеродроми во последните денови предизвика поплава од пријави од граѓани. Само во последните 24 часа се примени повеќе од 500 пријави за дронови, од кои многу се однесуваат на легални и безопасни активности. Полицијата мораше да ги повика граѓаните да не ги повикуваат службите за итни случаи „секој пат кога ќе видат светлина на небото“.

Текстот Данска испрати еден од своите најголеми воени бродови во патрола поради дроновите е превземен од МАКФАКС.