Веќе две недели почна аплицирањето на третата доза против ковид-19 во нашата земја. Во текот на овој период со бустер доза се имунизирани 782 граѓани. Без оглед на тоа каква вакцина примиле граѓаните, третата доза мора да биде само од Фајзер, велат од МЗ. На прашањето дали може да има нус ефекти од мешањето или комбинирањето на вакцините, министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека секој поединец од дете прима разни вакцини и нема ризик, туку има придобивки.

Следејќи го искуството на европските земји и САД, Министерството препорачува третата доза да биде од Фајзер за сите граѓани без разлика на возраста и дали имаат хронични болести или не. Претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова, смета дека комбинацијата на вакцините ќе го зголеми имунитетот или заштитата на граѓаните од корона вирусот.

Центарот за контрола и превенција на болести спроведува истражување и до крајот на октомври ќе одлучи дали ќе препорачаат комбинација на вакцини против ковид или не, изјавила директорката на овој центар, Рошел Валенски.

Истражувањето на Универзитетот на Оксфорд, во јуни, откри дека примањето на една вакцина на Астра Зенека проследено со вакцина Фајзер создава највисок одговор на имунолошките клетки да ги нападнат и уништат заразените клетки. Друга студија спроведена од корејската Агенција за контрола и превенција на болести откри дека земањето вакцина Астра Зенека проследено со вакцина Фајзер-БиоНТек го зголемува нивото на антитела шест пати повеќе отколку земањето две дози Астра-Зенека.