Многу луѓе кочат кога ќе видат камери кои мерат брзина или полиција со надеж дека радарот нема да ја регистрира нивната голема брзина. По поминување на камерите или полицијата, возачите најчесто продолжуваат да возат со брзината со која возеле и претходно.

На оваа практика наскоро ќе ѝ дојде крајот во Шпанија, а и пошироко. Неодамна во Шпанија било спроведено тестирање кое се покажало како успешно бидејќи полицијата успеала да детектира и да казни многу возачи кои мислеле дека со забавување на брзината пред радарот ќе одбегнат казна. Притоа, шпанската полиција не користела никаква напредна или нова технологија.

Имено, покрај фиксните камери кои ја следат брзината на возилата, полицијата додала и мобилни радари кои биле распоредени пред и по тие фиксни камери. Значи, во моментот кога возачот ќе ја забележи камерата и ќе почне да кочи, мобилните радари веќе ја регистрирале вистинската брзина.

Освен тоа, кога автомобилите ја поминуваат камерата и возачите повторно забрзуваат, не се свесни дека на околу еден километар се наоѓа мобилен радар кој ја регистрира нивната брзина.

По успешното тестирање на технологијата во Шпанија, таа би можела да се прошири и во други земји, а прва би можела да биде Велика Британија. Како што објаснуваат од британската компанија „Роуд ејнџел“, новите радари би можеле значително да влијаат врз однесувањето на возачите, кои ќе треба да бидат повнимателни и да се придржуваат до ограничувањето на брзината.

Извор: Top Gear