Пред повеќе од 130 години првпат успешно било разрешено кривично дело благодарение на идентификацијата на отпечатоци од прсти.

Револуционерниот систем на земање отпечатоци го дизајнирал хрватскиот емигрант во Аргентина, Хуан Вучетиќ (Иван Вучетиќ).

Во Аргентина, на крајот од 19 век, било извршено злосторство кое било разрешено со земање отпечатоци, што било прв случај во светот на успешна идентификација на отпечатоци од прст во истрага за убиство.

Во 1892 година биле брутално убиени две деца на возраст од 6 и 4 години во градот Некочеа, веднаш до главниот град Буенос Аирес. Најпрво постоел сомнеж дека сторителот бил Рамон Веласкез, пријател на родителите на децата Пончијано Карабало и Франциска Рохас. Но, на распитот тој постојано тврдел дека е невин.

На местото на злосторството инспекторите пронашле крвав отпечаток од прст и го контактирале началникот на полицијата, Вучетиќ. Во тоа време тој развивал систем за идентификација на отпечатоци за полициска употреба. Тој ги споредил отпечатоците на Рохас и Веласкез со крвавиот отпечаток.

На изненадување на полицијата, отпечатокот од прст се совпаѓал со оној на мајката, која негирала дека ги допирала крвавите тела. Но, соочена со доказите, Франциска Рохас го признала делото.

Тоа било првпат идентификацијата на отпечатоци од прст успешно да се користи во истрага за убиство. По тој случај, Вучетиќ го подобрил својот систем, кој го нарекол „компаративни отпечатоци од прсти“.

Вучетиќ бил роден во 1858 година на островот Хвар, Хрватска, а со семејството емигрирал во Буенос Аирес во 1882 година.

Во 1888 година тој се приклучил на полициските сили во Буенос Аирес како „заслужен“, назив даден на полицајците кои знаеле да читаат и пишуваат. Најпрвин работел во сметководство, а подоцна како шеф на заводот за статистика.

Еден ден наишол на работата на англискиот антрополог Френсис Галтон, еден од пионерите на научното проучување на отпечатоците од прсти. Фасциниран од неговото истражување, Вучетиќ развил свој метод за идентификација со создавање на потребните елементи за снимање цртежи на човечки отпечатоци. Во 1891 година му била доверена организацијата на Бирото за антропометриска идентификација (систем заснован на мерења на телото) на полицијата во Буенос Аирес. Во исто време ги добил првите досиеја со отпечатоци од прсти на затвореници од затворот „Ла Плата“.

По неговиот придонес во случајот Рохас, тој продолжил да го развива својот метод до патентирањето на аргентинскиот систем за отпечатоци на прсти во 1896 година, кој се состоел од алфанумеричка идентификација на прстите на раката.

Неговата употреба сега е од суштинско значење во области како што се автентикација на документи, криминологија и контрола на границите и аеродромите.

Употребата на отпечатоци од прсти била за безбедносните експерти она што е употребата на ДНК за нас денес. Затоа, системот на Вучетиќ се смета за „политичка и социјална револуција“.