Украинците на маса поставиле предлог-договор, а дали за Русите е прифатлив ќе се почека на мислењето на Путин. По денешниот состанок на двете делегации, украинскиот претставник Давид Арахамија брифира дека најважно за Киев е постигнување согласност за безбедносните гаранции за Украина во случај некој да ја нападне, налик на членот 5 од НАТО-договорот за одбрана. Според Арахамија, гаранции за безбедноста на земјата би можеле да дадат Велика Британија, Кина, Русија, САД, Израел… Сепак, за ова прашање Украинците би требало да се изјаснат на референдум, а за тој да се организира најпрвин се бара повлекување на руските трупи.
„Клучното прашање е меѓународниот договор за украинските безбедносни гаранции и само со ваков договор можеме да ја запреме војната на начин што е потребен за Украина“, рече Михајло Подољак – украински преговарач.
Рускиот преговарач Медински рече дека средбата била конструктивна и доколку Москва го одобри предлогот не е исклучена скорешна средба Путин-Зеленски.
„Ако на предлог-договорот се работи брзо и се најде компромис, можноста за постигнување мир ќе стане се поблиска“, нагласи Владимир Медински – руски преговарач.
Тричасовната средба се одржа во Истанбул, а на почетокот на преговорите турскиот претседател Ердоган на двете делегации им порача да постигнат конкретни резултати.
„Секако дека сме свесни дека во вашите разговори фокусот е на тешки и комплицирани теми. Но, со тоа сигурно е дека предлозите на маса и договорот што ќе биде постигнат ќе ја постават основата за траен мир во иднина“, изјави Реџеп Таип Ердоган – претседател на Турција.
Во салата во резиденцијата на Ердоган, крај Босфорот, каде се одржуваат преговорите, во првите редови можеше да се забележи и рускиот олигарх Роман Абрамович. Иако против него беа првите санкции, украинскиот претседател Зеленски рече дека санкциите против него не се неопходни, бидејќи помогнал во преговорите. Кремљ ги демантираше тврдењата дека стои зад наводното труење на Абрамович и на двајца украински преговарачи кои имале сиптоми на труење.
„Го советувам секој што ќе присуствува на преговорите со Руската федерација, ниту да јаде ниту да пие нешто, а по можност и да избегнува да допира површини“, изјави Димитро Кулеба – министер за надворешни работи на Украина.
Преговорите продолжуваат утре.
Лука Андреев