Селекторот на Хрватска Златко Далиќ и го честиташе на Франција пласманот во полуфиналето на Лигата на нации на УЕФА и го коментираше поразот од неговата репрезентација во реваншот од четвртфиналето.

Натпреварот на стадионот „Франција“ во Сен Дени заврши по 90 минути со резултат 2:0 за домашните, исто како и на првиот меч во Сплит.

Севкупниот победник беше решен по изведувањето на пенали, Французите беа поконцентрирани и посреќни и закажаа полуфинален дуел со Шпанија.

„Пред се, честитки за Французите, тие беа подобри денеска. Момците се бореа напорно на теренот“, рече селекторот на Хрватска. и продолжи:

„Направивме замени, се обидовме, дојдовме до пеналите, но не можевме да ја постигнеме конечната победа. Французите беа многу добри, ова е нашиот максимум, можеби еден натпревар, два се многу тешки“.

Далиќ го пофали голманот Ливаковиќ и зборуваше за другите играчи, меѓу кои и капитенот Лука Модриќ, кој во септември ќе наполни 40 години.

„Сакав да ги сменам и Ковачиќ и Модриќ, сакав да ги сменам на 1:0, но потоа Французите постигнаа гол. Многу играчи беа уморни. Јошко (Гвардиол) имаше проблеми со повреда. Имаше многу работи што не можевме да ги направиме“.

Хрватите имаат голем број играчи во сериозни години: Модриќ (39), Перишиќ (36), Крамариќ (33), Будимир (33), Ковачиќ (30), Пашалиќ (30), Ливаковиќ (30). За Хрватска во Париз дебитираше 21-годишниот Фрањо Ивановиќ.

„Тоа е добра школа за него, за сите нас. Мораме да претставиме млади играчи, многумина во репрезентацијата имаат над 30 години. Второто полувреме го одигравме со сосема нов тим. Прашавме кој е најспремен за изведување пенали, а петмина веднаш се јавија. Тие ја презедоа одговорноста и тоа е тоа“, рече Златко Далиќ, додавајќи дека следната цел е пласман на Светското првенство 2026.

Текстот Далиќ: Треба да ја подмладиме репрезентацијата е превземен од МАКФАКС.