Г7 ќе ги испита опциите за користење на идните приходи од замрзнатите руски средства за помош на Украина, истакнаа денеска министрите за финансии на Г7 во нацрт-заедничката изјава, пишува Фајненшал тајмс. Г7 замрзна околу 300 милијарди долари од руските средства набргу откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.
„Ние напредуваме во нашите дискусии за потенцијалните начини за добивање извонредна добивка што произлегува од блокираните руски државни средства во корист на Украина“, се вели во нацрт-изјавата.
Нема да има големи промени пред конечната верзија која ќе биде објавена подоцна денеска, изјави извор од Г7 за Ројтерс.
На министрите од Г7 ќе им се придружи и украинскиот министер за финансии Серхи Марченко. Министрите за финансии и гувернерите на централните банки, кои се состануваат во Стреса, северна Италија, имаат за цел да ги претстават опциите за финансирање на Украина што ќе ги разгледаат лидерите на земјите од Г7.
Тие ќе го разгледаат ова прашање на самит кон средината на јуни, се вели во соопштението.
„Согласно нашите правни системи, рускиот суверен имот во нашите јурисдикции ќе остане блокиран додека Русија не ја плати штетата што и ја нанесе на Украина“, се додава во соопштението.
Растечката извозна моќ на Кина и она што министрите на Г7 го нарекуваат нејзиниот индустриски „прекумерен капацитет“ е уште една клучна тема на дводневниот собир во северниот италијански град Стреса.
„Загрижени сме поради сеприсутната употреба на непазарните политики и практики од страна на Кина кои ги поткопуваат нашите работници, индустрии и економската отпорност“, се наведува во соопштението.
Г. Т.