Со одлука на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис авиони на военото воздухопловство и специјалните сили на Грција ќе се префрлат во Египет во состојба на готовност за евакуација на грчките државјани во Судан, соопшти министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, јави дописничката на МИА од Атина.

Advertisements

Во изјавата за државната телевизија ЕРТ, шефот на грчката дипломатија повтори дека нивната главна грижа е безбедноста и евакуацијата на грчките граѓани и за таа цел, „Владата останува во континуирана соработка со своите партнери и сојузници“.

-Пред малку премиерот одлучи да се преместат во Египет авионите на военото воздухопловство, заедно со припадниците на специјалните сили, подготвени да учествуваат во операцијата за спасување на грчките граѓани, рече Дендиас објаснувајќи дека на списокот со грчки државјани кои треба да бидат евакуирани, вклучени се и граѓани од Република Кипар.

Дендиас додаде дека грчкото МНР останува во координација со останатите земји- членки на ЕУ за евентуална операција за евакуација на европските граѓани и посочи дека конкретното прашање ќе го покрене утре на Советот за надворешни работи во Луксембург, „како прашање од апсолутен приоритет“.

Паралелно истакна дека во изминатиот период остварил низа комуникации со високи странски претставници за да помогнат во евакуацијата на грчките граѓани и ги спомена телефонските разговори со египетскиот министер за надворешни работи, со високиот претставник на ЕУ, со заменик министерот за надворешни работи на Франција и со американскиот амбасадор во Атина.

Заменик- шефот на грчката дипломатија Андреас Кацаниотис во изминатите денови, говорејќи за медиумите во Грција рече дека во Судан има околу 150 грчки државјани.