Шведската активистка Грета Тунберг изјави дека била изложена на суров третман додека била во израелски притвор, откако израелските сили ја пресретнале хуманитарната флотила која носела помош за Газа и ги уапсиле членовите на екипажот.
Во е-писмо испратено од шведското Министерство за надворешни работи до луѓе блиски до Тунберг, а до кое имал пристап „Гардијан“, се наведува дека активистката била затворена во ќелија полна со креветни бубачки и со недоволно храна и вода.
Според очевидци, Тунберг се жалела дека била дехидрирана и дека не примала доволно храна и вода. Таа исто така пријавила дека развила осип, за кој смета дека е предизвикан од креветни бубачки.
Исто така, според сведочења од други членови на флотилата, израелските сили ја принудиле Тунберг да држи израелско знаме.
Турската активистка Ерсинчелик, која била сведок на настанот, изјавила дека Тунберг била влечена за коса, тепана и принудена да го бакне знамето. Според неа, ова било предупредување за другите активисти.
Новинарот Лоренцо Д’Агостино, исто така дел од флотилата, по враќањето во Истанбул ја опишал ситуацијата како „невозможно да се поверува“, бидејќи Тунберг била завиткана во израелско знаме и парадирала со него, што предизвикало гнев и неверица меѓу присутните.
Инаку, Тунберг е меѓу 437 активисти, пратеници, адвокати, кои беа дел од флотилата „Глобал Сумуд“, која се состоеше од повеќе од 40 бродови што носеа хуманитарна помош, чија цел беше да се пробие 16-годишната израелска поморска блокада на Газа.
Израелските сили ги пресретнаа сите бродови и ги уапсија сите членови на екипажот на бродот. Повеќето од нив се наоѓаат во Кезиот, познат и како Ансар III, затвор со висок степен на безбедност во пустината Негев, кој првенствено се користи за држење палестински затвореници, од кои многумина Израел ги обвинува за вмешаност во милитантни или терористички активности.
Текстот Грета Тунберг изложена на суров третман во израелскиот притвор е превземен од МАКФАКС.