Граф: Поддршката за Украина не е само фраза, туку и реална помош од страна на Германија

Поминаа две години од руската инвазија врз Украина. Оваа војна не е само напад врз една земја туку врз нашите заеднички вредности и европската безбедност,изјави во своето обраќање В.Д амбaсадорот на Германија во Република Северна Македонија, Ото Граф, на големата конференција  „Украина – две години хероизам“, организирана од Амбасадата на Украина во соработка со ЦИВИЛ – Центар за слобода.

„Како дел од новиот пакет воена помош во вкупна вредност од 1,13 милијарди евра, Германија треба да и обезбеди на Украина 18 оклопни хаубици PzH 2000, заедно со 18 најсовремени далечински управувани хаубици RCH 155, вклучувајќи резервни делови и муниција. Во сеопфатен напор, Германија, исто така, ќе спроведе обука за екипажите кои управуваат со овие артилериски системи, посочи Граф.

Сојузна Република Германија ќе испорача оклопни возила, камиони и термографски камери во Украина, со заедничка вредност од 100 милиони евра. Во заложба за зголемена поддршка, Германија планира да го зголеми снабдувањето со муниција за Украина за 3-4 пати во 2024 година. За да го олесни тоа, Германија го кофинансираше производството на ракети во износ од 3,5 милијарди евра. Ова ја нагласува посветеноста на Германија за зајакнување на одбранбените способности на Украина.

-Ние продолжуваме да ја поддржуваме во нејзините напори за одбрана. Во 2024 Германија ќе ја помогне Украина со 7.1 милијарди евра. Поддршка за Украина не е само фраза, туку и реална помош од страна на Германија за Украина. Соработката на Германија и Украина се гради за да трае долго време и ќе трае се додека Русија не ги повлече своите трупи и дури тогаш ќе прекине војната и веруваме дека во тој момент меѓународното право ќе стапи на сила, изјави В.Д амбaсадорот на Германија, Ото Граф.

Д.Т.

Камера: Атанас Петровски

Монтажа: Ариан Мехмети

Фотографија: Биљана Јордановска