Проиранската милиција ПМУ (Сили за народна мобилизација) објави дека во текот на ноќта се случила голема експлозија во нивната воена база Калсу на околу 50 километри јужно од Багдад, Ирак, а два безбедносни извора тврдат дека станува збор за воздушен напад, пренесува Ројтерс.
Еден припадник на ПМУ е убиен, а шестмина се повредени, соопштија два извора од болницата во блискиот град Хила.
„Од експлозијата е причинета материјална штета, а има и повредени“, се наведува во соопштението на ПМФ, додавајќи дека истрагата е во тек.
Изворите изјавиле дека се уште не знаат кој е одговорен за воздушниот напад. Американски официјален претставник истакнал дека немало американска воена активност во Ирак.
Израел вчера изврши напад на иранска територија, неколку дена откако Иран го нападна Израел со беспилотни летала и проектили кои главно беа пресретнати и уништени.
Фракциите во рамките на ПМУ учествуваа во неколкумесечни ракетни и беспилотни напади врз американските сили во Ирак среде кампањата на Израел во Газа, но ги прекинаа нападите од почетокот на февруари.
ПМУ е главно шиитска паравоена сила поддржана од Иран со седиште во Ирак. За разлика од другите групи поддржани од Иран низ регионот, ПМУ е поврзана со локалната власт и е тесно поврзана со шиитските блокови кои се поддржани од Техеран и со години доминираат во политиката во Ирак.
Г. Т.