Убиството на тројца Американци во Јордан во близина на границата со Сирија е значајна ескалација на и онака несигурната ситуација на Блискиот Исток. Американската централна команда во денешното соопштение потврди дека тројца припадници на војската загинале, а повеќе од 30 се повредени во напад со беспилотно летало што „погодило база во североисточниот дел на Јордан“, објави Си Ен Ен.
U.S. Central Command has now Confirmed the Death of 3 American Servicemembers and the Injury of at least 25 others in a One-Way “Suicide” Drone Attack on a Patrol Base in Northeastern Jordan near the Border with Syria and Iraq. pic.twitter.com/qc5sgK42l3
— OSINTdefender (@sentdefender) January 28, 2024
Ова е првпат американски војници да бидат убиени од непријателски оган на Блискиот Исток од почетокот на војната во Газа.
Досега се забележани повеќе од 158 напади врз американските и коалициските сили во Ирак и Сирија од почетокот на војната во Газа. Но, американските власти досега ги опишаа нападите со беспилотни летала и ракетни напади како неуспешни, бидејќи не предизвикале сериозни повреди или оштетувања на инфраструктурата.
Не е јасно зошто противвоздушната одбрана не успеала да го пресретне дронот.
Јордан, пак, објави дека нападот не се случил на нејзина територија, туку во Сирија.
Портпаролот на јорданската влада Муханад ал Мубаидин изјави дека цел на нападот била американската база Ал Танф во Сирија, која се наоѓа на границата со Јордан.
За смртоносниот напад врз американските војници веднаш се огласи претседателот на САД, Џо Бајден, велејќи дека нападот го извршиле „радикални милитантни групи поддржани од Иран“.
„Иако сè уште ги собираме фактите за овој напад, знаеме дека е извршен од радикални милитантни групи поддржани од Иран и кои дејствуваат во Сирија и Ирак“, истакна Бајден.
„Џил (првата дама на САД) и јас им се придружуваме на семејствата и пријателите на нашите загинати – и Американците низ целата земја – во тагата поради загубата на војниците во овој одвратен и целосно неправеден напад“, додаде американскиот претседател.
Марк Хертлинг, поранешен командант на американските сили во Европа, додаде дека смртта на тројцата американски војници е „болна вест“.
Во објава на платформата X, поранешен Твитер, тој нагласи: „Силите поддржани од Иран се насекаде низ овој регион и справувањето со нив е постојан предизвик повеќе од една деценија. Многумина мислат дека е лесно да се „елиминира“ оваа закана. Не е“.
Tough news this morning regarding the death of 3 US service members in Jordan. Iranian-backed PMFs are all over this region, and it’s been a continuous challenge addressing them for over a decade.
Many think it’s easy to “eliminate” this threat. It isn’t. https://t.co/RJTvkZJANZ
— MarkHertling (@MarkHertling) January 28, 2024
Убиството на тројцата Американци се случува во момент кога САД и Ирак се очекува наскоро да започнат разговори за иднината на американското воено присуство во земјата.
Г. Т.