Големата изложба „Ткаење светови: Колекции во разговор“ со уметнички дела од 87 автори од колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје (МСУ-Скопје) ќе биде отворена утревечер (24 април) во 20 часот, во Модерна галерија + Музеј на современа уметност Метелкова во Љубљана, Словенија. Изложбата ќе ја отворат директорите на двете институции, д-р Тихомир Топузовски и д-р Мартина Вовк. Куратори на изложбата се Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски од МСУ и Бојана Пишкур од Модерна галерија.

Делата во Љубљана ќе бидат изложени десет месеци, до 8 февруари 2026 година. Изложбата е дел од програмата од национален интерес на Министерството за култура и туризам на РС Македонија и конципирана е како реципроцитетна. Дела од колекцијата на словенечкиот музеј наесен ќе бидат изложени во МСУ-Скопје.

Во „Ткаење светови: Две колекции во разговор“ се вклучени дела од 87 автори, од кои најмногу дела од РС Македонија и од речиси сите поранешни југословенски републики, дополнети со дела од уметници од Бразил, Полска, Боливија, Судан, Уругвај, Албанија, Јапонија, Јужноафриканска Република, Иран, Куба, Шпанија и од Романија. Изложбата е конципирана како конструктивен дијалог помеѓу специфични колекции – колекцијата на солидарноста на МСУ-Скопје и колекцијата „Артист 2000+“ како и националната колекција на Модерна галерија, Љубљана и ги истакнува делата изработени од природни материјали, како и дела кои го одразуваат ангажманот на уметниците со природата.

„Нагласен е делот на наивната уметност. Вака селектирана и поставена, изложбата отвора процеп за создавање поинаков свет помеѓу западноцентричниот светоглед и специфичниот поглед кон локалните тенденции, наспроти дела кои реферираат на поднебјето кое ги изртило и каде има континуитет на изработка. Тука се делата на наивната уметност и природните материјали кои изобилуваат, земја, сено, ливадско цвеќе, но вклучени се и фотографии од документирани акции во природа и критички настроени инсталации кон екстракцијата и уништувањето на природата“, објаснуваат кураторите.

„Ткаење светови: Колекции во разговор“ се фокусира на еманципацијата на уметничките медиуми, истражувајќи го односот помеѓу културата и природата, додека критички се осврнува на горливите еколошки прашања од времето на Капиталоценот. Изложбата во Љубљана зборува преку три сегменти: „Заборавен свет“, „Свет налик“ и „Свет во настанување“. Во првиот се селектирани дела изработени од користат природни материјали (земја, вода, отфрлени дрва, волна, живиот свет или пак реферираат на нив во конципирањето). Вториот го градат инсталации инспирирани од односот кон природата, тематски или визуелно, користејќи ги ресурсите на локалното поднебје, на некаква локална продукција која секогаш била во спрега со традиционалното (означено како народна традиција). Третиот дел го градат дела од наивната уметност и дела кои се стремат кон враќање на односот кон природата, со критички аспект кон индустријализацијата и искористувањето на природата.

Во изложбата се вклучени дела од уметниците: Борка Аврамова, Владимир Аврамчев, Македонка Андонова, Томе Андреевски, Ибрахим Беди, Гордана Вренцоска, Јордан Грабул, Евгенија Демниевска, Драгослава Јанева, Војко Јаневски, Гоце Јосифов – Ромбо, Ристо Калчевски, Димитар Кондовски, Димче Коцо, Михаил Лазаров, Доне Милјановски, Душко Мишевски, Вангел Наумовски, Петре Николоски, Аџем Нихат, Душан Перчинков, Раде Перчуклиевски, Илија Прокопиев, Кристина Пулејкова, Исмет Рамиќевиќ, Крсте Славковски, Мира Спировска, Мена Спировска-Менче, Глигор Стефанов, Душко Стојановски, Игор Тошевски, Марија Туша Иљовска, Симон Узуновски, Петар Хаџи Бошков, Ѓорѓи Цапев, Симон Шемов, Томо Шијак и Ѓорѓе Шијаковиќ, словенечките Јернеј Вилфан, Дружината од Шемпас, Маја Смрекар, Вадим Фишкин, потоа Стјепан Басталец, Антун Бахунек, Фрањо Вујчец, Стјепан Кичин, Иван Кузмиак, Иван Лацковиќ-Кроата, Јулије Папиќ, Ханибал Салваро, Матија Скурјени, Петар Смајиќ, Иван Рабузин, Боривоје Максимовиќ, Стјепан Столник и Јосип Хорват од Хрватска, српските автори Јанко Брашиќ, Јано Вењарски, Ондреј Вењарски, Богосав Живковиќ, Милосав Јовановиќ, Јано Књазовиќ, Сеад Казанџиу од Албанија. Застапени се и Јоланта Овидска и Јузеф Сарновски од Полска, Јон Григореску од Романија, Маноло Милјарес од Шпанија, непознат автор од Иран, Вифредо Лам од Франција/Куба, Питер Кларк од Јужноафриканската Република, Мохамед Абдала Ахмед од Судан/Велика Британија, Ример Кардиљо од Уругвај, бразилските уметници Мариа Бономи, Валдемар де Андраде-Силва, Лухдес Гуанабара, Силвиа де Леон Чарлео, Ладир Харис Домше-Пулу, Луциа Кан, Мариа Осилијадора Силва, Жусара Пимента де Падуа, Еленос Силва, Педро Соарес Фогаса, Жералдо Триндаде Леал, Вилма Хамос, боливиските автори Макс Арукипа Чамби и Патриција Веласко Уалин и Јозо Хамагучи од Јапонија.

Текстот Големата изложба на МСУ „Ткаење светови: Колекции во разговор“ утревечер во Љубљана е превземен од МАКФАКС.