Новинарот Мајкл Мартенс, добар познавач на Балканот, во напис за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ) оценува дека Александар Вучиќ се соочува со „најголемиот предизвик“ од доаѓањето на власт во 2012 година, кога неговата СНС почна да ја презема земјата.

Актуелните протести, и покрај разликите во деталите, потсетуваат на „народното востание“ кое го собори Слободан Милошевиќ во 2000 година, пишува Мартенс, пренесува Дојче веле.

Текстот не потсетува дека протестите почнаа по смртоносното уривање на настрешницата во Нови Сад и дека првичното тврдење на властите дека настрешницата не е реновирана се покажа како „лага“. Оттогаш, пишува Мартенс, 15 минутен молк се одржува низ цела Србија.

„Овие политички значајни петнаесет минути сè повеќе се појавуваат како закана за владата, особено што се поврзани со масовните демонстрации кои започнаа на универзитетите, но сега се зголемија над академските средини“.

Франкфуртскиот весник потсетува дека главното барање на демонстрантите е објавување на целосна документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, со која, убедени се, ќе докаже дека СНС е во центарот на корупцијата. „Српскиот премиер Милош Вучевиќ, помошник на претседателот Вучиќ, во неделата најави дека барањето ќе биде исполнето. Но, владата го вети тоа и претходно и не го исполни“, пишува Мартенс.

Опишувајќи го „контрамитингот“ во Јагодина, новинарот забележува дека критичарите на власта тврдат дека таму имало само принудени лица, вработени во јавни претпријатија и социјални случаи. „Сепак, Вучиќ сè уште е поддржан од дел од општеството“, пишува Мартенс. „Тоа се луѓе кои се донекаде задоволни од економскиот развој и на кои не им пречи, па дури и не уживаат во се посилниот националистички тон на владата – такви луѓе има во Србија, особено кај постарата генерација.

Нејасно е, продолжува ФАЗ, дали и како политичката енергија на протестот ќе прерасне во постојана партиски релевантна опозиција. „Студентите засега свесно се држат настрана од сите опозициски партии. Се организираат на секој факултет по принципот на основна демократија со завидна дисциплина“, пишува Мартенс.

„Но, ако протестите не доведат до пад на владата како на 5 октомври 2000 година, останува отворено како незадоволството ќе се консолидира и ќе стане парламентарно ефективно.

Се додава и мислењето на многу демонстранти дека во Србија е укинат просторот за партиски ангажман бидејќи СНС ги контролира Регулаторното тело за електронски медиуми, изборните комисии, судството. „Меѓутоа, ако парламентарната опција како инструмент за политички промени е отфрлена, тогаш останува само народниот револт – и „Вучиќ не покажа само преку контра митинг дека нема да ја предаде власта без борба“, вели Мартенс.

Тоа потсетува на заканата на Вучиќ за Кобра, специјална полициска единица. Ова ги покажува, пишува Мартенс, разликите во однос на Милошевиќ.

„На крајот безбедносните сили му свртеа грб на тогашниот српски владетел. Во денешна Србија тоа засега не е така. Исто така, во споредба со Србија на Милошевиќ, која беше економски исцрпена и изолирана со санкции, денес таа балканска земјата стои донекаде солидно, а невработеноста е мала“.

Затоа, пишува Мартенс, следните недели во Србија ќе бидат возбудливи. „Земјата повеќе не е иста како пред несреќата во Нови Сад. Но, се уште не е одлучено дали протестите трајно ќе го разнишаат системот на владеење на Вучиќ, анализира медиумот.

Текстот Германски весник: Опасни петнаесет минути за Вучиќ, Србија веќе не е иста е превземен од МАКФАКС.