Германскиот канцелар Олаф Шолц доцна во вечерните часови пристигна во Белград за да учествува на Самитот за одржливи суровини. Шолц го пречека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој на Инстаграм напиша дека очекува договори кои ќе претставуваат пресвртница за Србија на нејзиниот пат кон побрз економски раст.
Самитот за одржливи суровини ќе се одржи денеска, а најавено е учество и на потпретседателот на Европската комисија задолжен за зелената агенда, Марош Шефчовиќ.
Како што соопшти Европската комисија за Радио Слободна Европа, на тој самит ќе присуствуваат и претставници на финансиските институции и индустријата.
За време на Самитот, треба да се потпише Меморандум за разбирање меѓу ЕУ и Србија за стратешко партнерство за одржливи суровини, синџири за производство на батерии и електрични возила.