Германската АфД му забрани јавни настапи на главниот кандидат за ЕУ пратеник За италијанскиот весник „Ла Република“, Крах кажал дека не сите членови на СС биле криминалци

Германската крајнодесничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) му забрани на својот главен кандидат на европските избори следниот месец, Максимилијан Крах, да се појавува во јавноста, по неговите коментари дека не сите членови на СС (паравоената организација на Национал-социјалистичката германска работничка партија и на Нацистичка Германија) биле криминалци, пренесува германската новинска агенција ДПА.

И портпаролот на партијата потврди дека федералниот извршен комитет му забранил на Крах да се појавува во јавност пред изборите кои треба да одлучат за следнот состав на Европскиот парламент.

Крах на платформата „Х“ кажа дека ќе се воздржи од понатамошни настапи во кампањата и ќе поднесе оставка како член на федералниот извршен комитет.

Ова доаѓа еден ден откако француската крајнодесничарска партија кажа дека повеќе не сака да седи во истата европска парламентарна група како АфД поради коментарите на Крах.

За италијанскиот весник „Ла Република“ Крах кажал дека не сите членови на СС се криминалци.

„Никогаш нема да кажам дека секој што носеше униформа на СС автоматски беше криминалец“, рече Крах.

На прашањето дали СС се воени злосторници, тој одговори:

„Секако имаше висок процент на криминалци, но не сите беа криминалци“.

Нацистичките концентрациони логори беа чувани и управувани од СС, кои беа вклучени во тешки воени злосторства. СС беше прогласена за криминална организација во судските процеси во Нирнберг по крајот на Втората светска војна.<

Крах на „X“ (поранешен Твитер) напиша оти „сфаќа дека неговите изјави се злоупотребуваат како изговор да ѝ се наштети на неговата партија“.

„АфД мора да го задржи своето единство. Поради оваа причина ќе се воздржам од понатамошни настапи во изборната кампања и ќе поднесам оставка како член на федералниот извршен комитет“, напиша тој.
Извор: МЕТА.МК