По два и пол месеци, германските вооружени сили ја завршија мисијата за помош од воздух над Појасот Газа.
Германски транспортен авион А400М денеска последен пат полета од Јордан, соопшти војската, пренесе ДПА.
Од средината на март, воздухопловните сили фрлија околу 315 тони храна, вода, средства за хигиена и други средства за помош за да му помогнат на настраданото население.
Во иднина, меѓународната заедница ќе се обидува да донесе што повеќе залихи до палестинската крајбрежна територија преку копнени и поморски патишта.
– Со здружување на силите, можевме да го дадеме нашиот придонес за ублажување на маките на луѓето во Појасот Газа, изјави началникот на германското воздухопловство Инго Герхарц.
Германија учествуваше во иницијативата заедно со Јордан, САД, Франција и други земји.