Пијан возач на камион во Јужна Германија удрил во паркирани автомобили откако поминал на црвено светло. Од силината на ударот некои од автомобилите се запалиле, соопшти полицијата. Во сообраќајката што се случила во вторникот вечерта, во Фирт недалеку од Нирнберг, три лица се полесно повредени, а оштетени се 31 возило.
Возачот на камионот најпрвин не застанал на црвено светло на семафор, поради што прво удрил во автомобилот што се наоѓал на раскрсницата, па продолжил без да застане, се вели во полициското соопштение.
Набргу потоа камионот удрил во неколку паркирани автомобили и ги турнал напред, а некои биле прилепени за ѕидовите на зградите.
Во верижен судир се запалиле неколку автомобили, фасадата на куќата и самиот камион. Станарите се евакуирани од куќата.
Возачот, 51-годишен турски државјанин без постојан престој во Германија, е уапсен на самото место.
Алкотестот покажал дека тој имал далеку поголемо количество алкохол во крвта од дозволеното. Со полесни повреди се здобиле возачот на камионот, возачот на автомобилот што камионот го удрил на семафорот и еден случаен минувач.