Денес формираната владејачк црно-црвена коалиција на конзервативните демохристијани и социјалдемократите на Германија се согласила во коалицискиот договор да го откаже забрзаното доделување државјанства на имигрантите, кои добро се интегрирале во германското општество.

Владата во заминување на социјалдемократската СПД, Зелените и либералната ФДП усвоија закон кој им дозволува на добро интегрираните имигранти во Германија да добијат државјанство по само три години.

Сепак, во коалицискиот договор што денеска го претставија Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзината сестринска баварска Христијанско-социјална унија (ЦСУ), останува претходната одлука за скратување на периодот за стекнување државјанство од осум на пет години, а остнува и одлуката на Владата за признавање на двојното државјанство.

Можноста за двојно државјанство во Германија не постоеше до доаѓањето на власт на СПД, Зелените и ФДП под канцеларот Олаф Шолц.

Коалицискиот договор на идната владејачка коалиција предвидува, меѓутоа, ограничување на можноста мигрантите да се обединат со своите семејства доколку уживаат супсидијарна заштита во Германија, па затоа не се баратели на азил, пишува агенцијата ДПА.

Таквата можност за доведување семејства ќе има под мандатот на новата влада само во „исклучително важни случаи“.

Бројот на работници кои доаѓаат во Германија преку таканаречената регулатива за Западен Балкан треба да биде построго ограничен според новиот договор, пишува „Ноз.де“. Коалиционите партнери се согласни да го намалат максималниот број дозволи за влез преку оваа програма на 25.000 луѓе годишно.

Секој од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија или Србија кој сака да дојде во Германија преку регулативата за Западен Балкан, мора однапред да достави договор за вработување, се додава.

Прочитај и: Работниците од Западен Балкан во Германија покажуваат подобри резултати од која било друга имигрантска група и многу домашни работници

Досега имаше и квота од 1.000 дозволи месечно за влез во Германија на најблиските роднини на лица со некаква меѓународна заштита. Супсидијарната заштита не е исто што и бегалскиот статус или азил, но дозволува престој во Германија на лица за кои враќањето во нивната матична земја може да биде опасно или на кои им се заканува неправда или тортура.

Австрија кон средината на март годинава донесе одлука да им го одземе правото на азилантите на обединување на семејството, иако е спорно колку тоа е во согласност со правото на Европската унија, конвенциите за човекови права и покрај критиките од експертите и невладините организации.