Германија денеска бележи рекорден број на нови инфекции со коронавирус, со 50.196 нови случаи за 24 часа, што е знак за силата на овој бран на епидемија што ја погоди земјата, соопшти Институтот Роберт Кох.
Ова е првпат од почетокот на пандемијата да биде надминат прагот од 50.000 нови случаи за еден ден. Бројот на загинати за 24 часа е 235.
Канцеларката во заминување Ангела Меркел во средата го опиша новото зајакнување на епидемијата во земјата како „драматично“, што е особено забележливо од октомври.
„Пандемијата повторно се шири на спектакуларен начин“, рече нејзиниот портпарол, повикувајќи ги регионалните власти, кои се задолжени за здравствените прашања, повторно да воведат мерки за да ја стават ситуацијата под контрола.
Притисокот истовремено се зголеми и на одделенијата за интензивна нега и на целиот болнички систем.
Зголемувањето на бројот на заболени се припишува првенствено на релативно нискиот опфат со вакцинација кај германското население, кој изнесува околу 67 проценти.