Германската влада планира да го интензивира протерувањето на лицата кои немаат право на престој во Германија, соопшти министерката за внатрешни работи Ненси Фезер по синоќешниот владин состанок во Берлин.
„Ќе се погрижиме луѓето кои немаат право на престој во Германија побрзо да ја напуштат нашата земја“, рече таа.
Според неа, протерувањето на оние кои немаат право на престој во Германија е неопходно за да можат да ги исполнат обврските кон оние на кои навистина им е потребна хуманитарна помош и заштита.
„Заострувањето на законот е неопходно за да можеме да продолжиме да ја исполниме нашата одговорност кон луѓето кои бараат заштита од терор и војни, како што е, на пример, случајот со над 1,1 милион бегалци од Украина“, додаде министерката.