Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ и Коалицијата најави подобрување на инфраструктурата и преземање мерки за побезбеден сообраќај во општина Центар како најголема и најфреквентна во градот.
„Ние ќе ги подигнеме стандардите за квалитет при инфраструктурните интервенции и ќе ги утврдиме и отстраниме црните точки во сообраќајот, ќе ги реконструираме сите дотраени тротоари и пешачки патеки на фреквентните локации каде често се оштетуваат и ќе развиеме вело-мрежа со што ќе ги мотивираме граѓаните повеќе да користат велосипеди или тротинети“ , изјави Герасомовски.
Герасимовски исто така рече дека како локална власт ќе поттикнат креативни решенија за подигнување на свеста на граѓаните за безбедноста во сообраќајот, ќе направат организација на движењето во училиштата и градинките преку регулирање на возилата при оставање и земање на децата како и дека ќе постават енергетски ефикасно улично осветлување на јавните површини, вклучително дворовите на училиштата и градинките.
Тој најави дека фокусот во следните четири години ќе остане во инфраструктурата како и во планското зајакнување на капацитетите со јавните претпријатија како со ПОЦ кое добива дополнителна дејност со комунални услуги.
„Ќе направиме општина Центар да биде општина за која ќе зборуваат, општина пример за сите останати. Јас го можам тоа заедно со вас. Искрено се надевам на вашата поддршка затоа што знам дека го сакате центар исто колку мене“, изјави Герасимовски при што повика на масовна излезност и гласање на бројот 12.