Општина Центар ја отвори Лига Центар 2024/2025 – училишни спортски игри што ќе го поттикнат спортскиот дух кај учениците од сите осум основни училишта на општината. Градоначалникот Горан Герасимовски, на свеченото отворање кое се одржа во спортската сала на ООУ „11 Октомври,“ на сите учесници им посака среќа и одлични резултати во спортските дисциплини: кошарка, ракомет, фудбал, одбојка и шах.

„На овие спортски игри покажете ги своите вештини, натпреварувајте се и создадете нови пријателства. Секој од вас има потенцијал да биде победник. Давајте се од себе, забавувајте се и запомнете, најважно е да играте со спортски дух!“, истакна Герасимовски.

Во чест на роденденот на Општина Центар, беа доделени 41 стипендија за успешни млади спортисти – ученици од основните училишта во општината. Стипендиите се распределени според постигнувањата на учениците и изнесуваат: 10 стипендии во износ од 3,500 денари, 18 стипендии од 3,000 денари и 13 стипендии од 2,500 денари. Овие средства се наменети за поддршка на нивниот спортски развој во дисциплини како ракомет, кошарка, фудбал, одбојка, шах, пливање, карате, гимнастика и скијање.

Лига Центар 2024/2025 ќе трае цела учебна година, со натпревари секоја недела. На крајот од лигата ќе се организира ревијален натпревар за најуспешните екипи, со цел да се истакнат најдобрите постигнувања и тимскиот дух на нашите млади спортисти.

Текстот Герасимовски: Лига Центар започна, доделени стипендии за нашите млади спортски надежи е превземен од МАКФАКС.