Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денес изјави дека Израел пропуштил само мал дел од помошта за Газа и повторно сигнализираше дека ОН нема да учествува во новиот план за дистрибуција поддржан од САД.
„Без брз, сигурен, безбеден и одржлив пристап до помош, повеќе луѓе ќе умрат, а долгорочните последици за целото население ќе бидат длабоки“, изјави Гутереш пред новинарите.
Израелските власти тврдат дека околу 300 камиони со хуманитарна помош влегле во Газа преку преминот Керем Шалом откако ја укинаа 11-неделната блокада пред пет дена. Гутереш тврди дека досега само околу една третина од стоката во камионите пристигнала во магацините во енклавата.
Израел дозволи испораката на помош од ОН и други хуманитарни групи да продолжи накратко, сè додека не се воспостави нов модел на дистрибуција до крајот на месецот, кој ќе го управува новоформираниот Хуманитарен фонд за Газа (ГХФ), поддржан од САД. ОН тврди дека планот не е непристрасен ниту неутрален, па затоа нема да биде вклучен во него.
Планот на новоформираниот Хуманитарен фонд за Газа вклучува ангажирање на приватни транспортери на помош до таканаречените безбедни центри од каде што помошта понатаму ќе се дистрибуира од страна на цивилни хуманитарни тимови. Израел соопшти дека блокадата имала за цел да ги спречи милитантите од палестинската група Хамас да пренасочуваат и запленуваат хуманитарни залихи. Хамас негира дека крадел помош.
„Обединетите нации беа јасни. Ние нема да учествуваме во никаква програма што не ги почитува меѓународното право и принципите на хуманост, непристрасност, независност и неутралност“, рече Гутереш.
ОН и партнерите имаат план за доставување на потребната помош во Газа, рече тој. „Материјалите, односно 160.000 палети или речиси 9.000 камиони, чекаат“, рече Гутереш. „Ова е мојот апел за помош што ќе ги спаси животите на народот на Газа кој долго време страда, ајде да го направиме тоа како што треба. И ајде да го направиме тоа сега“, рече тој.