Обезбедувањето сигурна и стабилна поддршка за Украина, засилувањето на одвраќањето и одбраната, зајакнување на трансатлантската одбранбена индустриска соработка и зголемувањето на одбранбеното производството и зацврстувањето на глобалните партнерства со земјите од индо-пацифичкиот регион, ќе бидат главните теми на претстојниот Самит на НАТО што од 9 до 11 јули ќе се одржи во Вашингтон.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на вчерашната прес-конференција во пресрет на Самитот порача дека поддршката за Украина ќе биде „најитната задача“ на Алијансата и дека очекува шефовите на држави или влади на членките на Пактот да договорат „значителен пакет“ за Кијив.
„НАТО ќе ја преземе координацијата и обезбедувањето на најголемата меѓународна безбедносна помош“, изјави Столтенберг.
Според него, се очекува на Самитот да се договори финансиска помош и понепосредна воена поддршка за Украина, да бидат склучени повеќе билатерални безбедносни договори меѓу земјите членки и Кијив и да се продлабочи воената интероперабилност со земјата.