Животот во Грција денес ќе застане поради генерален штрајк против плановите на конзервативната влада за воведување можност за 13-часовен работен ден. Транспортот во Атина, возовите и фериботите ќе бидат во прекин, а ќе учествуваат и наставници, болнички работници и државни службеници.
Протести се најавени околу пладне низ целата земја против реформата што ја заговара конзервативната влада на Киријакос Мицотакис.
Главниот синдикат на приватниот сектор GSEE, кој го предводи штрајкот заедно со синдикатот на јавниот сектор ADEDY, објави дека реформата „го загрозува здравјето и безбедноста на работниците и ја уништува рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот“.
Прокомунистичкиот синдикат ПАМЕ ја обвини владата дека се обидува да воведе „модерно ропство“ за работниците и да ги принуди да трпат „нехумано работно време и мизерни плати“.
Синдикатот, исто така, го отфрли она што го нарече „сурова дерегулација“ што брзо напредува во Грција од должничката криза во 2009 година.
Најавениот закон би овозможил работа од 13 часа на ден за истиот работодавач во вонредни околности и со дополнителни прекувремени часови.
Во земја каде што економијата се опорави од должничката криза, но сè уште е кревка, оваа можност веќе постои, но само ако работникот има два или повеќе работодавачи.
Мицотакис, кој е на власт од 2019 година, истакна дека многу млади луѓе во моментов работат две работни места и сакаат да работат повеќе за да заработат повеќе.
Министерката за труд, Ники Керамеус, нагласи дека мерката е „исклучителна“ и нема да стане вообичаена. „Тоа е одредба што важи до 37 дена во годината, само со согласност на работниците и со зголемување на платите од 40 проценти“, изјави таа за Мега ТВ оваа недела.
И покрај намалувањето на невработеноста и континуираниот раст на БДП, кој според Европската комисија минатата година изнесувал 2,3 проценти, ниските плати остануваат главен извор на загриженост и еден од главните проблеми за Грците, заедно со високите трошоци за живот.
Минималната плата, иако е зголемена, е 880 евра месечно.
Според Евростат, Грците работат просечно 39,8 часа неделно, во споредба со просекот на Европската Унија од 35,8 часа.
Во туристичкиот сектор, во текот на шпицот на сезоната, келнерите и готвачите работат долги часови, понекогаш без слободен ден во неделата. Законскиот работен ден во Грција трае осум часа со можност за платена прекувремена работа.
Грција веќе ја воведе опцијата за шестдневна работна недела, особено во време на голема побарувачка во одредени сектори како што е туризмот.
Текстот Генерален штрајк во Грција по најавата за работа од 13 часа на ден е превземен од МАКФАКС.