И покрај тоа што во актуелниот преоден рок потроши 152 милиони евра на засилувања, тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, сака да доведе уште тројца фудбалери од италијанската Серија А, објавија во петокот британските медиуми.
Манчестер Сити за 75 милиони евра потпиша со египетскиот напаѓач Омар Мармуш (25). Од Ленс за 40 милиони евра приситгна 20-годишниот узбекистански централен бек Абду Кусанов, а за 19-годишниот бразилски централен бек Витор Реис, кој пристигна од Палмеирас, клубот издвои 37 милиони евра.
Според англиските медиуми преодниот рок за Манчестер Сити се уште не е завршен. Гвардиола сака да донесе тројца играчи од СеријаА.
Прв на листата на желби на Гвардиола е играчот од средниот ред на Јувентус, Андреа Камбијасо (24), кого „старата дама“ не сака да го пушти среде сезоната доколку не дојде „понуда што не можеш да ја одбие“. Ова, според британските медиуми, би можело да значи дека Јуве би попуштил доколку им бидат понудени сто милиони евра.
Камбијасо може да игра како коректор на средниот ред или како лев офанзивен дефанзивец. Во март минатата година тој дебитираше за италијанската репрезентација на пријателскиот натпревар против Венецуела и досега има 13 настапи и постигнато два гола. Тој во Јувентус пристигна во јули 2022 година од Џенова за 13 милиони евра, а во мај минатата година го продолжи договорот со Јуве до јуни 2029 година.
Гвардиола сака да го подмлади и средниот ред на Сити во кој моментално се Илкај Гундоган (34), Кевин Де Брујне( 33) и Бернардо Силва (30).
Стратегот на англискиот шампион сака да доведе двајца Бразилци, Даглас Луиз (26) од Јувентус и Едерсон (25) од Аталанта.
Даглас Луиз помина две години во Сити, кој го продаде на Астон Вила за 17 милиони евра во летото 2019 година.
Во јули минатата година Луиз се пресели во Јувентус во трансфер вреден 51 милион евра.
Едерсон го носи дресот на Аталанта од јули 2022 година, кога пристигна од Салернитана за 23 милиони евра. Неговиот договор со клубот од Бергамо е со важност до јуни 2027 година.
Текстот Гвардиола потроши 152 милиона евра и не планира да застане е превземен од МАКФАКС.