Пеп Гвардиола за „ESPN“ изјави дека иако сè уште не знае дали ќе се пензионира кога ќе го напушти Манчестер Сити, „сигурен“ е дека ќе направи пауза од тренерската работа.
Гвардиола (54) го предводи Сити девет години, што е најдолгиот тренерски стаж во неговата кариера, претходно ја водеше Барселона четири години и Баерн Минхен три години. Во ноември, тој потпиша нов двегодишен договор кој треба да го задржи на „Етихад“ до 2027 година. Претходно, неговиот договор истекуваше на крајот од оваа сезона.
Откако го презеде Сити во 2016 година, Гвардиола постигна неверојатен успех – освои шест титули во англиската Премиер лига и го водеше клубот до историски триумф во Лигата на шампионите како дел од тројната круна во сезоната 2022/23.
Сепак, тековната сезона беше исклучително тешка за Гвардиола и неговиот тим. Сити заостанува дури 21 бод зад новиот шампион Ливерпул и се бори за место во Лигата на шампионите следната сезона.
„Откако ќе ми истече договорот со Сити, ќе престанам. Сигурен сум. Не знам дали целосно ќе се пензионирам, но дефинитивно ќе направам пауза. Како сакам да ме паметат, не знам.
Сите тренери сакаат да победуваат за да бидат запаметени по нешто големо, но верувам дека навивачите на Барселона, Баерн и Сити уживаа гледајќи ги моите тимови како играат. Не мислам дека треба да живееме размислувајќи за тоа дали ќе бидеме запаметени.
Кога ќе умреме, семејството нè оплакува два или три дена, а потоа сè завршува – нè забораваат. Во тренерската кариера има добри и лоши моменти, а најважно е најдобрите да се паметат малку подолго. На крајот на краиштата, не е важно што луѓето мислат за тебе.“
Катастрофалната серија на Сити од пет последователни порази во октомври и ноември ги доведе до испаѓање од Карабао купот и практично ги уништи сите надежи за одбрана на титулата во Премиер лигата. Зборувајќи за она што тој го нарекува „тешка“ сезона, Гвардиола призна дека можел да донесе поинакви одлуки.
„Многу начучив од оваа сезона. Повеќе причини има зошто сезоната беше тешка, многу детали, вклучувајќи ги и моите погрешни одлуки. Значи, лично, ова беше година на големи лекции за мене“, рече Гвардиола.
И покрај слабата форма на средина од сезоната, Сити успеа донекаде да се опорави и сега го зазема четвртото место на табелата, а на 17.мај ќе го игра финалето на ФА Купот против Кристал Палас.
Текстот Гвардиола: Кога ќе ми заврши договорот со Сити не знам дали ќе се пензионирам, но дефинитивно ќе направам пауза е превземен од МАКФАКС.