Д-р Викторија Јовановска, директорка на Гинеколошко-акушерска клиника на Денот на одбележување на предвремено родените деца рече дека Клиниката за гинекологија, Детска клиника, Специјалната болница во Чаир ги прифаќаат најтешко родените бебиња во државата.
Денеска, на 17 ноември се одбележува Денот на предвремено родени деца. Овој ден се одбележува и со цел да се обрне внимание на превентивата на бремените жени, бидејќи е најважно за да се намали процентот на предвремено родени деца.
Клиниката за гинекологија, Детска клиника, Специјалната болница во Чаир и сите вработени, секогаш кога имавме потреба ни излегуваа во пресрет и ги прифаќаа најтешките бебиња и оние за кои ние во даден период се соочувавме со немање доволно место, и за родилки, и за предвремено родени бебиња во услови на оваа пандемија, кажа Јовановска.
Јовановска инфомираше дека најмало предвремено родено бебе во државава е бебе родено во 23 гестациска недела, има и помали бебиња во однос на тежина, со што, како што кажа, имаме бебе од 24 гестациска недела кое има родилна тежина од 480 грама.
Предвреме родените бебиња претставуваат 25 проценти од вкупниот број на раѓање во нашата земја, а смртноста од 2016 година, кога беше 25 проценти, сега е 8,9 отсто.
На денешната прес-конференција по повод Меѓународниот ден на предвреме родените бебиња – 17 ноември, министерот за здравство Венко Филипче, рече дека е важно да се подобри целокупниот систем во која било земја во светот за да се подобри степенот на преживување на предвреме родените бебиња.
Како што информираше Филипче, станува збор за категорија на бебиња кои што се некаде околу 25 проценти од вкупниот број на раѓање во нашата земја и тие традиционално се раѓаат на Клиниката за гинекологија и болницата во Чаир, а Интензивната нега на Клиниката за гинекологија и Клиниката за педијатрија се двете институции каде после раѓањето се третираат овие бебиња.
Филипче рече дека ние сме една единствена земја во светот која што има значајно намалување на вкупната смртност на родените бебиња, односно, како што кажа, гледајќи и споредувајќи со 2015/2016 година бројката е практично преполовена и тука станува збор и за неонаталната и за доенечката смртност.
Директорката на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова, изрази благодарност посочувајќи дека Клиниката за педијатрија веќе долго време се соочува со проблемот на прематоритетот и посочи дека само заеднички, тимски, може да се најде начин како да се подобри квалитетот на предвремено родените деца и да се направат здрави идни деца.
Вчера првпат здравствените политика ја ставија педијатријата во Законот за здравствена заштита како матични педијатри кои понатаму ќе се грижат за овие деца кои се предвреме родени, улогата на педијатарот после долго време е ставена на прво место, изјави Софијанова.
Одговарајќи на новинарско прашање дали предвреме родените бебиња во подоцнежна возраст се соочуваат со предизвици и компликации по нивниот раст и развој, Софијанова кажа дека до сега само 25 проценти имаат потешкотии.
За среќа епидемиолошката статистика која ја водиме на клиниката, а понатаму тие доаѓаат тука и на конзилијарен преглед, истиот се врши од страна на невролог, нефролог, во секоја област посебно, можам да кажам дека до сега само 25 проценти имаат потешкотии и тој „catch up“ период до третата година го прават успешно благодарение на тимот кој што работи со нив и им укажува на раните моменти кои значат дека ќе треба нешто дополнително да се стимулира или поработи со нив, сподели Софијанова.
Дополни дека останатите 75 проценти, со новите техники за механичка вентилација кои се повеќе од неинвазивен карактер со кој нивните органи многу полесно дозреваат и не се оштетуваат што значи дека успехот и во тој дел е поголем.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.