Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека денес ја имал најважна средба во Пекинг со претседателот на Кина, Шји Џинпинг. Истакна дека средбата била исклучително пријателска и срдечна.
„Она што би го кажал како добра вест за граѓаните, што го потврдува пријателството и говори за она што доаѓа потоа – претседателот Шји лично, а не преку кабинетот или на вообичаен бирократски начин, туку сам во разговор, ми упати покана мене како претседател и на нашата делегација да дојдеме во државна посета на Кина,“ рече Вучиќ.
Наведува дека во краток временски период ќе дојде до државна посета и претпоставува дека тоа ќе биде во наредните шест месеци.
Тој нагласи дека брзиот експоненцијален раст на увозот и извозот со Народна Република Кина го покажува нивото и сериозноста на соработката и искреното пријателство.
„Молев за дополнителни инвестиции, за дополнително вработување на нашите луѓе. Претседателот нè информираше дека нивните експерти работат и на она за што зборувавме во Москва и дека ќе продолжат да работат и на други проекти, и дека Србија како исклучително пријателска земја може да очекува понатамошна поддршка и помош од Народна Република Кина,“ изјави тој.
Истакна дека тоа може да се очекува и по различни политички прашања – од Косово и Метохија, територијалниот интегритет на Србија, исто како што и Србија го почитува принципот на една Кина.
Вучиќ нагласи дека е многу среќен кога разговорот завршува вака, затоа што знае дека е направено нешто добро за земјата, дека ќе има нови фабрики, нови патишта и железници.
„Тие се израдуваа на фактот дека за 15 дена ја отвораме пругата Белград–Суботица, дека ние го завршивме нашиот дел до Будимпешта. Горд сум на тоа, тоа се резултати што никој не може да ни ги одземе,“ рече тој.
Вучиќ се заблагодари на претседателот Шји за поддршката – од железарницата, преку ковид и респираторите, до поддршката за резолуцијата за Сребреница, „без Кина немаше да можеме да ја добиеме поддршката од мнозинството нации во светот“.
„Разговаравме за немешање во внатрешните работи и за управувањето со „шарени револуции“, за денешните обиди тоа да се направи и во Белград. Кинеското раководство и претседателот сигурно добро ги согледуваат работите во нашата земја и добро ги разбираат притисоците со кои се соочуваме, и тоа за нас беше важно,“ додаде Вучиќ.
Тој нагласи и дека имал многу добар состанок и со претседателот на Народниот конгрес на Кина, „многу сериозен и воздржан човек, кој ретко покажува емоции, но не ја криеше искрената наклонетост кон Србија.“
Најави дека наскоро потпретседателот на Народниот конгрес ќе ја посети Србија, а следната година и самиот претседател.
Вучиќ посочи и дека денес имал разговори со три компании, а со уште една ќе разговара подоцна.
Говорејќи за односите, рече: „Некои велат дека Путин не ме цени. Па кому Путин му даде толку висок орден во нашата земја освен мене? После повеќе од еден век, тоа го добив јас. Исто е и со Шји Џинпинг – Србија е европска земја во која дошол најмногу пати. И имав чест да го угостам. Толку пати сум бил со претседателот Шји што многу нешта научив од него.“
Вучиќ додаде дека Шји дури го продолжил состанокот за петнаесетина минути над предвиденото, што е редок гест, и дека разговарале и за историјата на српскиот и кинескиот народ.
Текстот Вучиќ: Претседателот на Кина лично ме покани во државна посета, верувам дека тоа ќе биде во наредните шест месеци е превземен од МАКФАКС.