Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, отпатува за Москва, каде што ќе присуствува на воената парада на Црвениот плоштад, објавија српските медиуми.
Кремљ вчера објави дека претседателот на Србија ќе се сретне со рускиот претседател, Владимир Путин, во петок, 9 мај.
Пред да замине за Москва, Вучиќ утрово се сретна со рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко. Медиумите во Србија во последните денови шпекулираа дека Латвија и Литванија го забраниле летот на српскиот претседател до Москва, па затоа не е познато кој воздушен коридор го користел Вучиќ до руската престолнина.
На 9 мај, Русија ја одбележува 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна со парада на Црвениот плоштад во Москва и низа други настани, а се очекува да присуствуваат повеќе од 20 светски лидери, вклучувајќи го и кинескиот претседател Си Џинпинг.
По агресијата на Русија врз Украина, парадата стана дел од пропагандата на Путин, а бројни западни и украински функционери повикаа на бојкот на церемонијата. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, дури рече дека не може да се гарантира безбедноста на учесниците.
Текстот Вучиќ отпатува во Москва е превземен од МАКФАКС.