Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека без целосна заштита на човечкиот живот и природата нема да има ископ на литиум во Западна Србија, во околината на Лозница.

На Самитот за стратешки суровини кој се одржува денеска(19 јули) во Белград, тој рече дека знае оти проектот за ископ на литиум, кој треба да го спроведе компанијата Рио Тинто, нема да биде поддржан од пошироката јавност во Србија, но оти добил гаранции од ЕУ дека проектот „Јадар“ ќе биде спроведен по највисоки стандарди.

На Самитот учествуваат германскиот канцелар Олаф Шолц, потпретседателот на Европската комисија и европски комесар за меѓуинституционални односи и стратешко предвидување Марош Шефчовиќ, членови на Владата на Србија, претставници на Европската банка за обнова и развој, Германската банка за развој КФВ, италијанската Банка за развој, производителот на автомобили Мерцедес-Бенц.

Вучиќ истакна дека канцеларот Шолц ја ветил поддршката на Германија дека Србија ќе има поголем вредносен синџир на производство на литиум, „што ќе донесе милијарди инвестиции и неверојатна промена за целата земја, а најголема за западна Србија“.

Прикажи повеќе