Александар Вулин, кој во минатото извршуваше голем број важни функции во Србија, ги коментираше изјавите дадени од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината посета на Белград.
„Очекувам Европската Унија целосно да се усогласи со политиката на Србија, вклучително и повлекување на признавањето на таканареченото Косово, како и итно повлекување на сите одлуки што го кршат Дејтонскиот договор и ги намалуваат овластувањата на Република Српска. Госпоѓо фон дер Лајен, никој не нè праша дали сакаме да се впуштиме во авантурата за приклучување кон Европската Унија, но ви гарантирам дека ќе најдеме начин да ја прашаме Србија што мисли за продолжување на авантурата. И да не заборавам, попрво вие ќе ја примите Турција во Европската Унија отколку Србија да ја предаде Русија“, рече Вулин, пренесува „Телеграф“.
Фон дер Лајен разговараше со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград. На заедничката прес-конференција таа рече дека очекува Србија „да го започне својот пат кон Европската Унија двапати побрзо“.
„Нашите позиции се јасни и вклучуваат слобода, а не репресија, вклучително и право на мирно собирање, партнерство, а не потчинување, дипломатија, а не агресија“, нагласи фон дер Лајен, оценувајќи дека „сега е вистинското време Србија да преземе чекори кон пристапување“.
„Вреди да се вложи овој напор бидејќи се приближувате до целта. Потребно е да се забрзаат реформите во владеењето на правото, електронските медиуми, изборните закони и хармонизацијата со надворешната политика на Европската Унија“, изјави таа, истакнувајќи дека овие реформи бараат упорност, трпение, учество на сите сегменти од општеството и политичкиот спектар.
Текстот Вулин до фон дер Лајен: Побрзо ќе ја прифатите Турција во ЕУ отколку Србија да ја предаде Русија е превземен од МАКФАКС.