Легендарниот тренер, Фабио Капело, не сака да го споредува Ламин Јамал со Меси, Марадона или Роналдо. Јамал, кој сеуште нема 18 години веќе е еден од најдобрите фудбалери во светот.
Чудото од дете кое игра за Барселона веќе има блескава кариера, минатата година го освои Европското првенство со Шпанија, а оваа сезона е на прагот да го освои и шпанското првенство со Каталонците.
Тој веќе сруши некои рекорди што ги држеше Лионел Меси, по некои параметри го надмина дури и Кристијано Роналдо од помладите денови, а во моментов се чини дека небото е неговата граница.
„Ламин Јамал е играч со многу квалитети и може многу да се подобри, но во него не гледам генијалност на феномен. Меси или Марадона направија работи што никој не можеше да ги замисли, во моментов не можам да го споредам со нив“, изјави Капело за „КОПЕ“.
Капело го вмеша Роналдо во оваа приказна, бидејќи очигледно ги претпочита Меси и Марадона.
„Не зборувам за бројки, зборувам за квалитет и генијалност. Кристијано Роналдо е импресивен играч… А колку голови има постигнато? Повеќе од кој било друг, но не може да биде Меси или Марадона.“
И покрај кажаното, Капело верува дека Јамал ја заслужува Златната топка за сè што направи оваа сезона.
„Би гласал за Ламин Јамал за Златната топка. Моите гласови би биле: Винисиус, Мбапе и број еден, Ламин Јамал“, рече Капело.
Текстот „Во Јамал не ја гледам генијалноста на феномен, не можам да го споредувам со Меси и Марадона“ е превземен од МАКФАКС.