Земјите од регионот и денеска се под метеоролошки предупредувања за топлотен бран. Во цела Црна Гора и БиХ, како и делови од Хрватска е прогласено црвено предупредување за топлотен бран, а предвидените температури на места ќе достигнат и над 40 Целзиусови степени.
Кога станува збор за Хрватска, најтопло утрово беше во Дубровник, 27,5 степени. Хрватските метеоролози прогнозираат дека жештините ќе продолжат и во вториот дел од неделата, особено на Јадранот, додека во внатрешноста почестите врнежи ќе донесат времено освежување, кое особено ќе биде изразено во петок.
Републичкиот хидрометеоролошки завод на Република Српска издаде предупредување поради продолжување на топлотниот бран на целото подрачје. Температурата на воздухот денеска ќе се движи до 42 Целзиусови степени.
Црвеното предупредување има и на територијата на целата Федерација Босна и Херцеговина, а температурите во Мостарскиот регион ќе достигнат околу 42 Целзиусови степени, во вишеградскиот регион максимална температура на воздухот ќе се движи меѓу 37 и 42 степени, а на планините околу 30 степени.