Американските вооружени сили апелираа до граѓаните да им помогнат да ги пронајдат остатоците од стелт авион, Ф-35, што исчезна вчера во Јужна Каролина откако пилотот се катапултираше.
Потрагата е фокусирана на областите околу езерата Мотри и Марион северно до Северен Чарлстон каде што се наоѓа соодветната воена база.
Пилотот за време на несреќата безбедно се катапултирал и е во стабилна состојба во болница, пишува Гардијан.
Локалната конгресменка Ненси Мејс изрази незадоволство од таквиот развој на настаните.
„Дали нема уред за следење на авионот и сега бараме од граѓаните да го најдат?“, напиша таа на социјалните мрежи.
Борбениот авион Ф-35, произведен од Локхид Мартин, чини околу 80 милиони долари.