Во Прилеп се затвори модуларната болница и 22 пациенти се префрлени на инфективното одделение.
Според Кети Смилеска, директор на Општа болница со проширена надлежност, ова е за заштеда на трошоците за електрична енергија.
Инфективното одделение со капацитет од 36 легла е празно. Бидејќи е поврзано со централното греење, а во модуларната загревањето е со клима уреди, решивме поради заштеда, а и подобро да им се обрне внимание на хоспитализираните пациенти, да ги префрлиме на инфективното. Од 22 хоспитализирани, 21 пациент е на кислородна поддршка. Не очекуваме голема експанзија за хоспитализација, особено што со месеци бројката на хоспитализирани е околу 20 пациенти. Во хоспитализираните има и вакцинирани и невакцинирани, само што вакцинираните се со полесна клиничка слика. Затоа останува апелот за вакцинација, вели Смилеска.
Сите одделенија во болницата функционираат вообичаено со програма на оперативни зафати.
За епидемиолозите од Центарот за јавно здравје, ковид-ситуацијата во градот се смета за стабилна, како и во училиштата кои го завршуваат првото полугодие.
– Намален е неделниот број на новозаразени. Сега се 150-тина за една недела, што значи намалување на бројката која е во благ пад. Инаку, во Прилеп се активни 350 случаи. Се прават многу тестови. Не е регистриран омикрон сојот. Ситуацијата се смета за стабилна, како што е и во училиштата, вели епидемиологот Татијана Мургоска Станимировиќ од Центарот за јавно здравје.
Што се однесува до имунизацијата, останува поголемиот интерес за трета, отколку за прва доза. Половината од имунизираните се со втора доза. Апелот за вакцинација останува, вели Зорица Шојлеска, координатор на прилепскиот вакцинален пункт кој е во Здравствениот дом.
– Досега во Прилеп, заедно со општините Кривогаштани и Долнени се имунизирани преку 69 000 жители од кои над 34 000 се со втора доза. Околу 4000 имаат примено и трета доза вакцина. Намалениот интерес за прва доза, сметам дека се должи дека сите кои сметаат се вакцинирани, добар дел прележани или некои се во текот на заразата. Сепак, апелираме дека вакцината ги намалува компликациите и имунизацијата е за заштита на здравјето, вели Шојлеска.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.