Андреј Лазаров (25), фудбалер на Шкупи е еден од 59-те починати во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Претходно денеска Шкупи на социјалните мрежи објави дека неговиот Лазаров е надвор од животна опасност, но подоцна починал во болницата во Штип.
Како што информираат од Шкупи, Лазаров во дискотеката им помагал на останатите присутни да се извлечат, но на крајот се задушил во чадот.
„Како херојска душа што беше, Лазаров го загуби животот обидувајќи се да им помогне на другите да се спасат од просторот зафатен од пожар. Тој се задуши од чадот за време на неговите обиди да спаси животи, покажувајќи храброст и хуманост до последниот момент.
Неговиот херојски чин засекогаш ќе остане во нашето сеќавање, како сведоштво за неговиот благороден карактер и неговото големо срце“, објави на социјалните мрежи неговиот клуб, Шкупи.
Лазаров во кариерата настапуваше во Металург, Работнички, Тиквеш во Македонија, односно Горица и Рудеш во Хрватска.