Во македонскиот КИЦ во Загреб, пијано триото ,,30 Прсти” во состав Марија Вршкова, Весна Ангелова Христов и Петар Макариевски, со својот ексклузивен шестрачен пијано концерт приреди единствено музичко доживување за загребската публика.

Во својот поздравен говор директорката на македонскот КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска истакна дека, камерниот ансамбл „30 прсти“со својот концерт во Загреб го продолжува своето уметничко патување, збогатувајќи ја областа на камерната музика и градејќи естетски тренд препознатлив дури и за најсофистицираните познавачи на уметничката музика.

Триото „30 прсти“ е првиот и единствен македонски ансамбл од ваков вид. Во последните три години, тие одржаа тринаесет концерти – десет во земјата и три во странство (Австрија, Бугарија, Србија). Посебен пресврт беше одбележан со минатогодишниот настап, кога за првпат во историјата на македонските пијанистички концерти изведоа дело за шестрачно пијано и камерен оркестар.

Негувајќи посебна љубов кон македонското музичко наследство, пијано триото ,,30 Прсти” во својот репертоар вклучува дела специјално напишани и адаптирани за овој уникатен ансамбл, што е предизвик и инспирација и за домашните композитори.

Концертот во преполната сала на македонскиот КИЦ во Загреб го проследија истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, бројни загрепчани, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, универзитетски профсори, студенти на Музичката академија во Загреб, како и претставници на државната и локалната самоуправа во Република Хрватска.

Текстот Во македонскиот КИЦ во Загреб концертот на триото „30 прсти“ ја воодушеви загрепската публика е превземен од МАКФАКС.