Во Македонија само пет илјади граѓани доброволно се запишале во македонскиот дарителски регистар на коскена срцевина. За разлика од кај нас, во Хрватска има 70 илјади доброволни дарители. Апелирам до граѓаните да се запишуваат во Регистарот, порача денеска директорката на Клиниката за хематологија д-р Ирина Пановска Ставридис.
Националната кампања „Биди срцевина, биди херој“ почна во 2019 година со цел зголемување на бројот на доброволни донори на матични клетки и беше поддржана од Министерството за здравство, Универзитетската клиника за хематологија и Институтот за имунологија и хумана генетика, кадешто се наоѓа Националниот дарителски регистар на коскена срцевина.
Секој возрасен здрав човек на возраст помеѓу 18 и 50 години во Институтот за имунологија и хумана генетика може да дарува коскена срцевина и да спаси човечки живот.
Во моментот на Клиниката има четири трансплантирани пациенти кои се надевам дека од понеделник ќе ги качиме на новиот оддел кој ќе почне да функционира со полн капацитет. Исто така има уште десетина кои чекаат да бидат трансплантирани. За жал, ентузијазмот кај нашите граѓани не е голем за да се запишат во Регистарот. Имаше кампања „Биди херој, биди срцевина“, која дури и во време на ковидот кампања одеше напред, меѓутоа мора да заживее, изјави денеска д-р Пановска Ставридис на отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки на Клиниката за хематологија.
Овој центар е сместен на целосно нов кат на површина од 800 м2, донација на Амбасадата на САД, кои преку Европската команда на американската армија финансиски ја поддржаа изградбата со еден милион евра. Останатите средства се обезбедени од ФЗО со поддршка од Министерството за здравство и Владата.
Д-р Пановска – Ставридис апелира до граѓаните да се запишуваат во Регистарот.
Навистина многу малку треба. Да дојдат на Институтот за имунологија, доколку е поголема работна организација, ние можеме да организираме акција и во нивната организација, само една епрувета крв, согласност и пет минути од времето и стануваат потенцијални спасувачи на живот, кажа д-р Пановска – Ставридис.
Директорката на Клиниката за хематологија кажа дека мината година имале две донации, македонски граѓани кои им спасиле живот на Македонци, со кои не се познавале меѓусебе и не биле роднини.
Едната беше докторка, другата беше пациентка која се пријавила за братот кој бил болен да ја типизираат, но не била идентична со братот, а излезе идентична со друг пациент. И тие два пациента се добри, рече д-р Пановска Ставридис.
Министерот за здравство Фатмир Меџити кажа дека за ова прашање веќе зборувал со неколу поглавари на верски заедници.
Овој дел ни е многу битен и ќе ги повикаме заедно со вас медиумите, да седнеме со нив да ја подигнеме свеста и да спасиме животи, изјави Меџити.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.