Во лабораторијата на Институтот за јавно здравје како резултат на паралелно тестирање на грип и на ковид-19, добиени се седум позитивни тестови на двете вирусни заболувања, односно на флурона како што стручно е именувана оваа двојна зараза, пренесе Слободен печат. До Институтот досега не се пријавени починати лица од флурона.
Првпат двојната инфекција флурона во земјава пристигна на 5 јануари, кај 26-годишен пациент од општина Зајас. Според епидемиолошката анкета, тој непосредно пред новогодишните празници се вратил во Македонија од САД каде примил вакцина против ковид-19, а се ревакцинирал непосредно пред да дојде во земјава.
Пациентот беше упатен на домашно лекување без тешка клиничка слика.
Флурона е комбинација на инфлуенца и коронавирус во исто време кај иста личност. Според Алијансата за вакцинација ГАВИ, особено кај луѓе со коморбидитети, ваквата инфекција може да ги зголеми компликациите предизвикани од ковид-19. Можноста за флурона првпат беше детектирана рано во пандемијата кај пациенти во Вухан, Кина. Вакви коинфекции почесто се очекуваат да се случат во зима, поради растот на случаите со омикрон варијантата на коронавирусот и почетокот на сезоната на грип
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.