Државниот врв на Косово се поклони пред споменикот на загинатите во Резала. Во ова село во општина Скендерај, српските сили за време на војната во 1998-‘99 година убија 98 лица. Косовскиот премиер Албин Курти, изјави дека тројцата преживеани од масакрот се спасиле случајно, бидејќи целта била да не се остави никој жив.

„98 мажи и момчиња беа собрани и егзекутирани од српските сили, а само тројца преживеаја и тоа случајно. Целта беше да не се остави никој жив, така што овој масакр е доказ за геноцидот на Србија на Косово… Домашната и меѓународната правда мора да дејствуваат без одлагање и да бидат упорни за да им се суди и да бидат казнети одговорните, нарачателите и извршителите“, рече Курти.

Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца изјави дека исчезнатите лица од војната се сè уште во Србија.

„Нема да застанеме. Ќе му кажеме на светот и уште подобро ќе го аргументираме геноцидот што се случи, сè додека Србија не одговара. Мора да се најдат сите тие криминалци кои се директни извршители на масакрот во Резала и стотици други масакри на Косово“, рече Коњуфца.

Во косовската војна загинаа над 13.000 лица, имаше над 800.000 раселени, а повеќе од 5.000 се исчезнати. Стотици убиени косовски Албанци беа пронајдени во масовни гробници низ Србија каде српските сили ги превезувале за да ги сокријат злосторствата. Досега од Србија на Косово се вратени посмртните останки на околу 1.000 луѓе. Повеќе од 23 години по војната, повеќе од 1.600 се водат како исчезнати.

Алсат