Двајца пациенти на возраст од 73 и 83 години од Злетово и Кочани починаа вчера во Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип.

Портпаролот на Клиничка болница-Штип, Марина Шуманска во дневниот извештај забележува дека на Инфективното се хоспитализирани 54, а на Кожното одделение шест пациенти. Во текот на вчерашниот ден се хоспитализирани нови осум пациенти, а на постојана кислородна поддршка се 43 пациенти. Притисок има и во дневната амбуланта, каде инфектолозите дневно имаат 86 прегледи на пациенти со коронавирусот.

Началничката на Инфективно одделение, Дијана Шишкова-Гајдарџиска за МИА вели дека деновиве имаат се поголем број на пациенти, кои им доаѓаат во тешка здравствена состојба. Карактеристично за овој бран е што имаат се помлади пациенти на кои им треба болнички третман.

Во претходните бранови не беше карактеристично и на други варијанти, типови на коронавирусот. Но, овој период со делта сојот имаме многу повеќе млади пациенти, вели Шишкова-Гајдарџиска.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека со ставањето во функција на Инфективното одделение, засега модуларната болница е под клуч, но доколку имаат поголем притисок, тоа ќе значи и нејзино отворање, но и реорганизација и ангажирање на дополнително медицински кадар.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.