Во канадската провинција Квебек во наредните недели ќе се воведе посебен данок наречен „здравствен придонес“, само за граѓаните што одбиваат да примат антиковид вакцина, соопштија синоќа властите во Квебек.
„Работиме на нов данок за сите возрасни кои одбиваат да примат вакцина против коронавирусот бидејќи тие претставуваат финансиски товар за сите граѓани“, рече премиерот на покраината Франсоа Лего.
Лего додаде оти десет отсто од граѓаните на Квебек не примиле вакцина и нагласи дека преостанатите 90 отсто вакцинирани не треба да страдаат поради нив. Според него, тие десет проценти невакцинирани возрасни лица претставуваат 50 проценти од луѓето на одделенијата за интензивна нега во болниците.
Во покраината Квебек, која има околу осум милиони жители, во моментов се хоспитализирани вкупно 2 742 лица, а околу 255 луѓе се на одделенијата за интензивна нега.