Преговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Појасот Газа продолжуваат денеска во Каиро, јави египетската станица „Ал Кахера њуз“, повикувајќи се на официјален извор. Во меѓувреме, Висок функционер на Хамас изјави дека прекин на огнот во Појасот Газа е можен во следните 24 до 48 часа, доколку Израел ги прифати барањата на палестинската исламистичка организација.
Како што пренесува МИА, според агенцијата Анадолија, изворот рекол дека во тек се интензивни напори за постигнување договор пред муслиманскиот свет месец Рамазан.
Има значителен напредок во преговорите и се бара фер договор, рекол упатениот извор.
Неименуван висок претставник на американската влада вчера соопшти дека Израел се согласил на рамковен договор за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на израелски заложници кои ги држи радикалното палестинско движење Хамас.
Функционерот додал дека сега се зависи од согласноста на исламистичката група.
Израелската страна „генерално“ го прифатила предлогот, кој вклучува шестнеделно примирје во Газа, како и ослободување на поранливите заложници од оние што моментално ги држи Хамас. Се мисли на луѓе кои се болни или повредени, како и постари лица и жени.
– Израелците во основа ги потпишаа точките од договорот, изјавил претставникот на администрацијата на Џо Бајден. „Сега топката е во теренот на Хамас и ние продолжуваме да инсистираме максимално (за согласност од групата)“, додаде тој.
– Заложниците треба да бидат ослободени, изјави претставникот за новинарите во конференциска сала во Вашингтон
– Договор, во основа, има. Но, не сакам да создавам очекувања на овој или оној начин, нагласи тој.
Висок функционер на Хамас денеска изјавил дека прекин на огнот во Појасот Газа е можен во следните 24 до 48 часа, доколку Израел ги прифати барањата на палестинската исламистичка организација, пренесе Бета.
– Ако Израел се согласи со барањата на Хамас, кои вклучуваат враќање на раселените Палестинци во северниот дел на Газа и зголемување на хуманитарната помош, тоа би можело да го отвори патот за договор (за прекин на огнот) во следните 24 до 48 часа, изјави официјален претставник кој сакал да остане анонимен.
Се верува дека во Газа се држат 130 заложници од околу 250 киднапирани во нападите на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел, но не сите се живи.
Околу 100 од нив беа ослободени за време на седумдневното примирје на крајот на ноември.
М. Д.