Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро ја поздрави победата на иранскиот режисер Џафар Панахи на Филмскиот фестивал во Кан, опишувајќи ја како чин на отпор против репресијата на иранскиот режим.

Како одговор, Иран го повика францускиот вршител на должност во Техеран на разговор, протестирајќи поради, како што наведоа, навредливите коментари од Париз, пренесоа иранските државни медиуми.

Иранскиот режисер Џафар Панахи (64) ја освои Златната палма во саботата за филмот „Тоа беше само несреќа“, политички силно обоено остварување во кое поранешни затвореници размислуваат за одмазда против својот мачител.

Филмот содржи и сцени во кои актерките се појавуваат без хиџаб.

„Во чин на отпор против репресијата на иранскиот режим, Џафар Панахи ја освојува Златната палма која буди надеж за сите борци за слобода низ светот“, напиша францускиот министер Баро на мрежата Икс, реагирајќи на наградата.

Поради ова, како што велат иранските власти, навредливо и неосновано обвинување од страна на францускиот министер за надворешни работи кон Иран, вршителот на должност во Техеран бил повикан на разговор во министерството, пренесе ИРНА.

Во соопштението, исто така, се наведува дека Иран ја осудува злоупотребата на фестивалот во Кан од страна на француската влада „со цел промовирање на политичка агенда против Исламската Република“.

Ниту еден ирански официјален претставник не го коментираше фактот дека Панахи е втор ирански режисер што освоил Златна палма, по Абас Киаростами за „Вкусот на црешата“ во 1997 година.

Панахи, познат по критиката кон власта, бил двапати затворан: првиот пат во 2010 година на 86 дена, а вториот пат меѓу 2022 и 2023 година, речиси седум месеци.

Реформистичките дневни весници „Етемад“, „Шарг“ и „Хам Михан“ ја пренеле победата на Панахи фактографски, без коментар, додека повеќето медиуми целосно ја игнорирале веста.

Државната телевизија воопшто не ја спомна Златната палма, туку акцентот го стави на Фестивалот на филмот на отпорот, официјален настан што ги наградува про-палестинските филмови и оние за иранско-ирачката војна (1980–1988).

Еден од најпознатите режисери на современиот ирански филм, Џафар Панахи и претходно има освоено награди на водечките светски фестивали од Кан, преку Венеција, до Берлин.

Панахи најави дека денес се враќа во Иран и напиша на Инстаграм: „Патниците се враќаат дома“ и објави фотографија со членовите на филмската екипа.

Текстот Во Иран игнорирана веста за „Златната палма“ на Кан, државата реагира дека коментарите биле навредливи е превземен од МАКФАКС.