Од вкупно 1028 регистрирани со централна постапка во Европска агенција за лекови (ЕМА), во нашата држава се регистрирани само 278 или 27 проценти од лековите, нагласи претседателката на Комитетот за здравство при Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам) Александра Ивановска, на денешниот брифинг по повод претстојната Конференција за здравство која ја организира АмЧм Македонија.
Ивановска и извршната директорка на АмЧам, Јелена Арсовска, презентираа заклучоци од истражување за пристапот до лекови на македонските граѓани и споделија повеќе информации за тековните и идните активности на Комитетот за здравство при АмЧам.
Како што истакнаа, тема на годинашната конференција, која ќе се одржи на 8 ноември во Скопје е „Поглед во иднината на здравствените системи“, со фокус на пристапот до лекови како основен елемент од правото на лекување.
Во врска со темата, изработена е студија со поддршка од Американската стопанска комора со осврт на моменталната состојба со лековите и она што може државата да го направи во овој поглед.
Вториот дел од конференцијата, како што најавија, ќе се однесува на употребата на секундарна дата во креирање на здравствени политики, тема која оди паралелно заедно до пристапот на лекови и медицински помагала, а третиот дел ќе биде на тема како политичките партии размислуваат и што планираат да адресираат во сопствените изборни програми на тема здравство.
Како што истакна Иванова, според анализата која е работена во споредба со Европската агенција за лекови, нашата држава има релативно мал број регистрирани молекули.
Првата опсервација покажува дека од вкупно 1028 регистрирани со централна постапка во ЕМА, во Македонија се регистрирани само 278 или 27 проценти од лековите. Регистрација на лекови е првата постапка за лекот да стане достапен за пациентите. А, втората опсервација кажува дека само 199 молекули се достапни за пациентите во нашата држава, односно дека само толку обезбедуваат Фондот за здравство и Министерството за здравство, нагласи Иванова.
Како што рече, во споредба со референтните земји во правилникот за позитивна листа, Бугарија, Словенија, Хрватска и Србија, ако се земат молекулите кои се официјално на позитивната листа, нашата држава е од 17 до 24 отсто од просекот на референтните земји, односно најдалеку од Бугарија а најблиску до Србија, или 80 отсто имаме помалку лекови од земјите во регионот.
Има неколку начини на финансирање на лековите во нашата држава. Првиот начин е официјалната Позитивна листа, вториот начин се програмите на Министерството за здравство (како што се ретките болести, вакцините и инсулините – средства коишто директно се слеваат во буџетот на Министерството за здравство на различни начини, средства одвоени од Фондот за здравствено осигурување) и третиот начин се условните буџети кои наменски Фондот ги дава на клиниките за да можат да набават лекови за пациентите. Од трите механизми имаме 199 молекули, од кои на Позитивната листа се 66 молекули – достапни за сите граѓани на државата, од програмите на Министерството 43 молекули и од условните буџети 93 молекули, појасни Иванова.
Арсовска истакна дека првиот приоритет на АмЧам е пристапот до лекови и до нови медицински помагала и поттикнување севкупни иновации во овај сектор.
На брифингот потенцираа дека последна сериозна обнова на позитивната листа е направен во 2009 година, потоа во 2012 година со една молекула и во 2015 со уште една молекула, односно дека веќе 14 години нема сериозна обнова на позитивната листа.
Долго време се разговара исто така и за донесување на нов закон за лекови којшто е во рамките на ЕУ регулативата. Ние моментално имаме закон за лекови и медицински средства, тоа се два закони кои што согласно европската регулатива треба да бидат разделени. Се отпочна со процесот за законот за лекови кој застана, исто така се започна со процесот за утврдување на правилникот за позитивна листа на лекови и застана и тоа беше се така до минатата година од кога почна тој процес полека да се отклучува, појасни Арсовска и додаде дека минатата година ја организираа првата конференција за здравсто со цел да ја отворат оваа тема.
Таа истакна дека на крајот од минатата година се донесе правилникот за лекови и се направија измени во постоечкиот закон за лекови за да се дозволи целиот овај процес да профункционира.
Процесот е отпочинат. Има компании коишто веќе почнаа да аплицираат за да се внесат нови лекови во позитивната листа. Министерството за здравство формираше комисија која почна со разгледување на сите предмети и согласно тој правилник во којшто е предвидена некаква динамика очекуваме дека ќе почнат полека да се дефинираат сите тие работи, рече Арсовска.
АмЧам е платформа за застапување, вмрежување, размена на знаења и споделување на најдобрите практики, која стои како глас и хармонизирач на интересите на компаниите-членки кои се стремат кон просперитет на бизнисот преку обединување на глобалните и перспективите на иднината. Комитетот за здравство при АмЧам е карактеристичен по тоа што има членови од различни области во здравството и тоа што го прави различен од другите организации е тоа што во него покрај фармацевстки компании членуваат и веледрогерии, и ИТ сектор, членуваат и консултанти кои што работат на темата на здравство како и компании кои се занимаваат со комуникации.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.